Еко свест: Странски пари ги уништуваат македонските реки
21 December 2015, PlusInfo
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е најголем финансиер на хидроенергетски проекти во заштитени подрачја во Македонија, според новата студија промовирана деновиве од страна на Riverwatch, Euronatur и CEE Bankwatch Network, објави здружението Еко свест.
Според студијата, ЕБОР поддржала 17 хидроенергетски проекти во Македонија во заштитени подрачја со кредити во вредност од 23 милиони евра во периодот од 2010-2012 година. Дополнително, ЕБОР има одобрено, но не и исплатено, кредит од 65 милиони евра за контроверзниот Бошков Мост (од 68 MW) во Националниот парк Маврово, и покрај тоа што проектот претставува закана врз единственото репродуктивно јадро на критично загрозениот балкански рис.
На почетокот од овој месец Постојаниот комитет на Бернската конвенција1 препорача суспендирање на проектот, заедно со другите планирани проекти во паркот.
Истражувањето открива дека развојот на хидроенергијата влијае на Националниот парк Маврово, Националниот парк Пелистер, заштитеното подрачје Осоговски Планини и на заштитеното подрачје Плачковица.
„Севкупно, ЕБОР обезбеди директни заеми за 19 хидроелектрани во Република Македонија, од кои 14 веќе се ставени во употреба. Покрај тоа, ЕБОР има обезбедено 3,6 милиони евра за 3 мали хидро проекти преку кредитни линии на локалните комерцијални банки. Тие сепак остануваат непознати, како и 4 други мали хидроцентрали финансирани од домашната банка на ЕУ – Европската инвестициона банка (ЕИБ). ЕИБ ги поддржа со 3,5 милиони евра преку Македонската банка за поддршка на развојот. Повикувајќи се на доверливост, ЕБОР и ЕИБ одбија да ги именуваат овие мали, но потенцијално штетни хидроцентрали, со што ефективно се
попречува јавниот надзор“, се наведува во студијата.
– Фактот дека европските банки за развој финансирале хидроелектрани во заштитени подрачја во Македонија покажува дека е потребно многу повеќе надзор од страна на самите банки, од владите кои ги контролираат и од македонските државни институции –
– изјави Весна Илиевска од Еко-свест и кампањата „Да го зачуваме синото срце на Европа“.
Истражувањето идентификувало вкупно 72 проекти кои се планирани или оперативни од 2005 година во заштитени подрачја во Македонија. Во студијата, изворите на финансирање беа идентификувани за 27 од нив. Компаниите кои стојат зад хидропроектите во Македонија се претежно локални компании, а кога станува збор за вклучени странски инвестиции, тоа најчесто се Италија, Австрија и Германија.
Над 60% од хидроелектраните финансирани од страна на развојните банки во заштитени подрачја во Југоисточна Европа се лоцирани во Македонија.
– Ако проблемите предизвикани од хидроцентралите не се спречат во Македонија и останатите земји од Југоисточна Европа, ќе се наруши позитивната слика за целиот сектор на обновлива енергија. Во интерес на ЕУ е да се засили надзорот на овој сектор,
доколку Европа сака да промовира обновливи извори на енергија во своите нови земји- членки и земјите-кандидати. Добрата вест е дека поголемиот дел од хидроелектраните кои ги идентификувавме засега се само планови, па сè уште може да се сопрат каде што е потребно – коментира Клара Сикорова, истражувач од CEE Bankwatch Network.
Institution: EBRD | EIB
Theme: Energy & climate
Location: Macedonia
Tags: Western Balkans | hydropower